Селектирањето на употребливите состојки на комуналниот отпад на местото на неговото создавање - примарната селекција, битно придонесува за квалитетот на урбаното живеење и намалувањето на вкупните количини отпад, носи економско- финансиски бенефити и ја зголемува свеста и одговорноста на создавачите на отпад и давателите на услуги.
Во функција на интегрираното управување со комуналниот отпад, сегашните т.н. претоварни станици,односно локациите каде што се поставени, се употребуваат и како стационарни трансфер- центри / рециклажни дворови или собирни центри, при што се врши обичен претовар на комуналниот отпад. Вакви трансфер-центри треба да се предвидат во секоја општина во Градот Скопје.
Сегашната состојба во постапувањето со комуналниот отпад, претставува делумна примарна селекција: пет-амбалажа, хартија, картон и лименки (на помал дел од градот, со симболични количини и импровизирани стационарни претоварни станици) во трансфер-центрите во Карпош и во Вардариште.
Трансфер-центарот во Карпош ја опслужува целата територија на Градот Скопје за пет-амбалажа, хартија, картон и лименки.
Неопходно е менаџментот на ЈП „Комунална Хигиена“ да понуди систем за Селективно собирање на отпадот-примарна селекција, надоврзан со систем на рециклажни дворови / трансфер-центри.
Имајќи ги предвид светските искуства, организациско – техничките барања, економската оправданост, спецификите на скопското урбано живеење итн., како најефикасен модел за примарна селекција на комуналниот отпад се наметнува неговото раздвојување на сува фракција (преовладува отпадот од пакување ) и влажна фракција (преовладува биоразградливиот отпад).
Поделбата на сув и на влажен комунален отпад кореспондира со европските искуства, но и со нашата законска регулатива.