Преку донација од Министерството за транспорт и врски, ЈП Комунална хигиена-Скопје денеска доби на трајно користење дваесетина специјални комунални возила наменети за собирање и транспорт на комуналниот отпад на територијата на градот Скопје и одржување на хигиената на јавните и сообраќајните површини.
Станува збор за специјални камиони со зафатнина од 3, 8, 17 и 20 кубни метри, автоцистерни наменети за машинско миење на улиците и специјализирани метларки наменети за машинско метење.
Преку ставањето во употреба на новите специјални комунални возила се очекува значително да се зголеми ефективноста и ефикасноста на извршувањето на оперативните активности на Претпријатието на терен.
Само во текот на месецот август, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 14 200 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје и беа отстранети 2740 кубни метри мешан комунален, кабаст и градежен отпад одложени на јавни и сообраќајни површини во сите скопски општини.
ЈП Комунална хигиена-Скопје континуирано ја одржува и јавната хигиена на скопските булевари и улиците што се во надлежност на Градот Скопје преку машинско миење со автоцистерни, додека секојдневно во три смени спроведува машинско и рачно метење и рачно миење на плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев", и „Слобода", како и Старата скопска чаршија. Во сите скопски општини, Претпријатието секојдневно реализира и рачно миење на микролокациите каде што се поставени садовите наменети за одлагање комунален отпад.



