Во текот на минатата седмица, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 620 кубни метри непрописно одложен отпад од јавни и сообраќајни површини на територијата на градот Скопје.
Реализирани се две поголеми интервенции во чиишто рамки се отстранети обемни диви депонии во скопските општини Чаир и Гази Баба.
Во општината Чаир е интервенирано на улицата Славеј планина, во непосредна близина на скопското Теќе, каде што е расчистена дива депонија од приближно 150 кубни метри непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад. Во општината Гази Баба се подигнати 130 кубни метри отпад од дива депонија лоцирана на улицата Перо Наков.
Претпријатието продолжува и со секојдневните активности за одржување на јавната хигиена преку рачно и машинско метење и миење на скопските булевари и поголемите улици.




