Во текот на неделава, администрацијата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше тридневна акција за чистење на парк-шумата Водно и спортско-рекреативниот центар Матка.
Приближно седумдесет административци коишто земаа учество во акцијата ги подигнуваа расфрланите отпадоци од паркингот на средно Водно, како и од падините на парк-шумата сè до врвот, каде што целосно беше исчистен просторот околу Милениумскиот крст и планинарскиот дом „Даре Џамбаз".
Воедно беше реализирано отстранување на непрописно одложените отпадоци на потегот од пешачкиот мост сè до хидро-централата „Матка".
Во рамките на акцијата се подигнати и транспортирани приближно десет кубни метри отпад одложен на јавни и на сообраќајни површини.




