Во рамките на одбележувањето на Деновите на екологијата за 2022 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје денеска организираше еколошки работилници и едукативни игри за рециклирање и селектирање на отпадот во детската градинка „Снежана“, лоцирана во скопската општина Чаир.
Околу 100 дечиња беа вклучени во едукативните активности што се одвиваа во матичниот објект на оваа детска градинка и имаа можност да научат на кој начин да постапуваат со отпадот и колку е значајна неговата примарна селекција.
На настанот присуствуваа градоначалничката на Градот Скопје, Данела Арсовска и директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Зухди Енуз, коишто на дечињата од градинката „Снежана“ им поделија пакетчиња со едукативни сликовници за заштита на животната средина.
„Развивањето на еколошката свест мора да започне уште од најмладата возраст, затоа што само на тој начин ќе ги едуцираме новите генерации како совесно и правилно да постапуваат со отпадот и да ја заштитат својата животна средина. Во претстојниот период ќе се залагам ЈП Комунална хигиена-Скопје да реализира што поголем број на едукативни активности во образовните институции во сите скопски општини “- изјави директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Зухди Енуз.




