02 321 66 44    08-20MKALEN
Почетна     За нас     Дејност

Дејност

I. Основна дејност:

ЈП „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ - СКОПЈЕ

ЈП „Комунална хигиена“- Скопје, чијшто основач е Градот Скопје, е едно од најголемите претпријатија од комуналната област во Република Северна Македонија.

Во своето над стогодишно постоење и дејствување, ЈП „Комунална хигиена“-Скопје успешно се грижи за одржување на јавната чистота на подрачјето на Градот Скопје.  Развивајќи се истовремено со развојот и модернизацијата на Скопје, со добрата организација, ефикасноста, одговорноста и дисциплината, ЈП „Комунална хигиена“ прерасна во лидер во областа на комуналните дејности во државата.

Во ЈП „Комунална хигиена“-Скопје се вработени околу илјада работници и истото располага со над 130 специјални комунални возила за собирање и транспортирање на комунален отпад  и за извршување на другите дејности што се во надлежност на Претпријатието.

 

СЕКОЈДНЕВНА ГРИЖА ЗА ЈАВНАТА ЧИСТОТА И УРБАНИОТ ЛИК НА МАКЕДОНСКАТА МЕТРОПОЛА

Во дејностите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје спаѓаат:

- Собирање и транспортирање на комуналниот отпад од контејнерите поставени на јавни сообраќајни површини, од пластичните канти лоцирани кај индивидуалните домаќнства и од корпите за отпадоци во градот Скопје, во три смени во текот на 24 часа, седум дена во неделата, 365 дена во годината. Се опслужуваат преку 140 илјади домаќинства и десетици илјади стопански субјекти и институции од градските и од руралните средини. Во депонијата „Дрисла“  годишно се транспортираат и депонираат  над 130 илјади тони комунален отпад.

- Одржување на хигиената на јавните сообраќајни површини на територијата на градот Скопје, што подразбира нивно рачно и машинско миење и метење.

- Селекција на пакување и отпад од пакување (пластика, хартија и лименки) во над 250 наменски мрежести контејнери поставени на повеќе локации на подрачјето на градот Скопје и околу илјада сетови од по четири наменски пластични канти лоцирани во јавни и образовни институции.

-Обработка и балирање на селектиран отпад во центрите за селекција сместени во населбата Карпош и на Вардариште, каде што се поставени специјални садови во коишто граѓаните на градот Скопје можат да го одложат непотребниот кабаст, електронски, стаклен и метален отпад.

- Едукација на младата популација за правилниот однос кон хигиената и кон животната средина.

- Поддршка и организација на јавни манифестации од аспект на одржувањето на јавната хигиена.

- Еко-патрола што е задолжена да  го лоцира неправилно одложениот комунален отпад и да преземе конкретни мерки за заштита на животната средина. Ги едуцира граѓаните за начинот на постапување со комуналниот отпад и почитувањето на воспоставениот комунален ред во градот, со цел да се зачува здрава животна средина.

 

НАША ПОЛИТИКА ЗА РАЗВОЈ

Визијата на ЈП „Комунална хигиена“- Скопје е Чисто Скопје и задоволни граѓани“.

За да се оствари оваа визија, во нашето работење ги имплементираме европските стандарди и воведуваме најсовремена техника и технологија.

За зголемување на ефикасноста и ефективноста во извршувањето на функциите на Претпријатието и подигнувањето на квалитетот на услугите е воведен стандардот за квалитет ISO 9001:2008.

 Во Претпријатието е воведен современ информациски систем што овозможува примена на информатичката технологија во секојдневното работење (постоење на повеќе софтверски апликации). Инсталиран е модерен компјутерски центар, оптички поврзан со над 120 работни станици во една единствена информациска мрежа.

ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје изработи нова функционална интернет- страница, преку којашто ги презентира своите секојдневни активности и на граѓаните им овозможува на брз и едноставен начин да ги добијат сите потребни информации во врска со услугите што ги нуди Претпријатието, со што се обезбедува целосна транспарентност во работењето.

Наша цел е исполнување и надминување на очекувањата на нашите корисници. Затоа и во наредниот период несебично и посветено ќе се трудиме континуирано да го подигнуваме квалитетот на нашите услуги.

 

II. Дополнителни дејности

- Чистење на септички јами;

- Подигање на згазени и умрени животни 

- Подигнување –собирање на кабаст отпад

 

III. Други оперативни активности

- Еко – патрола и дежурен телефон;

- Еколошка едукација