ЈП Комунална хигиена-Скопје денеска зема учество во масовната акција „Генералка викенд“ за чистење на падините на Водно, поддржана од Градот Скопје, во организација на „Man and Mountain“, Пивара АД Скопје и ПАКОМАК.
Во акцијата се приклучија приближно 250 волонтери коишто го расчистуваа потегот од врвот кон средно Водно, собирајќи голем број на отпадоци одложени за време на неодамнешните празнични излети. Насобраниот отпад беше примарно селектиран, при што употребливите фракции, како што се пластиката, лименките и стаклото беа одлагани во специјалните контејнери за селекција на отпадот, додека останатиот отпад веднаш беше транспортиран од страна на екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Почетокот на акцијата го означија градоначалничката на Градот Скопје, Данела Арсовска, организаторите на акцијата, претставниците на дипломатскиот кор, како и директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Зухди Енуз.
„Aкцијата за чистење на падините на Водно ја поддржавме со учество на 30 наши работници и употреба на две специјални возила. ЈП Комунална хигиена-Скопје секогаш со задоволство ќе излегува во пресрет на ваквите иницијативи за одржување на здрава и чиста животна околина. Се надевам дека со денешните активности значително ќе придонесеме оваа прекрасна локација да го врати својот стар сјај и повторно да претставува омилена дестинација за одмор и релаксација на Скопјани.“- истакна директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Зухди Енуз.