ЈП Комунална Хигиена - Скопје

  / Вести / АКТИВНОСТИ И РЕЗУЛТАТИ ОД РАБОТЕЊЕТО НА ЈП КОМУНАЛНА ХИГИЕНА-СКОПЈЕ ВО ПЕРИОДОТ I-XII-2020 ГОДИНА

АКТИВНОСТИ И РЕЗУЛТАТИ ОД РАБОТЕЊЕТО НА ЈП КОМУНАЛНА ХИГИЕНА-СКОПЈЕ ВО ПЕРИОДОТ I-XII-2020 ГОДИНА

 

АКТИВНОСТИ И РЕЗУЛТАТИ ОД РАБОТЕЊЕТО НА ЈП КОМУНАЛНА ХИГИЕНА-СКОПЈЕ ВО ПЕРИОДОТ I-XII-2020 ГОДИНА

 

СОБИРАЊЕ  И ТРАНСПОРТ НА КОМУНАЛЕН ОТПАД

И во текот на 2020 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје (ЈПКХС) седум пати во неделата, во три смени, го собираа и го транспортираа комуналниот отпад од скопските домаќинства, како и од речиси 600 стопански субјекти во урбаниот и во руралниот дел на градотВо изминатите 12 месеци беа собрани и транспортирани вкупно 158 476 тони комунален отпад. Количеството на подигнат отпад во 2020 во однос на 2019 година е зголемено за 4713 тони, односно 3,07%. ЈПКХС преку секојдневно машинско и рачно миење и метење ја одржува и хигиената на шест милиони квадратни метри јавни и сообраќајни површини во градот Скопје.

 ВОНРЕДНИ АКТИВНОСТИ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА ПАНДЕМИЈАТА ОД ВИРУСОТ КОВИД-19

 Со цел спречување на ширењето на вирусот Ковид-19, од почетокот на март 2020 година, ЈПКХС започна да функционира со двојно зголемен обем на активности, реализирајќи низа вонредни мерки и акции.  Секојдневно се спроведуваше машинско миење со автоцистерни и дезинфекција на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење и дезинфекција на најфреквентните јавни површини - улицата Македонија, централниот плоштад Македонија и помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, Камениот мост, мостот Гоце Делчев, пешачките мостови во централното градско подрачје, како и Старата скопска чаршија. Во повеќе наврати беше реализирано рачно миење и дезинфекција на целокупниот простор на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и на голем број детски игралишта во сите скопски општини. ЈПКХС континуирано вршеше дезинфекција и на сите подземни и надземни контејнери, вклучително со нивните микролокации.

 ЗАЕДНИЧКИ АКТИВНОСТИ СО ГРАДОТ СКОПЈЕ И РАСЧИСТУВАЊЕ ДИВИ ДЕПОНИИ

  Преку координирани заеднички активности со Градот Скопје и останатите градски јавни претпријатија, беа реализирани акции за генерално чистење на сите скопски општини, како и комплетно расчистување на двете страни на кејот на реката Вардар, каде што беа поставени 120 нови корпи наменети за одлагање ситни отпадоци. На подрачјето на градот Скопје, во текот на изминатите 12 месеци, екипите на ЈПКХС отстранија над 9000м3  отпад од диви депонии, создадени  како резултат на несовесно одлагање на отпадот од страна на поединци и правни субјекти. Количеството отпад што ЈПКХС го отстранува од јавните површини секоја година сè повеќе се зголемува, така што во текот на 2019 година беа расчистени 8721м3, во 2018 година 5144м3,  додека во 2017 година само 835м3 отпад од диви депонии.

 ВОВЕДЕНИ СЕ НОВИНИ КАЈ УСЛУГАТА ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ КАБАСТ ОТПАД   ОД ДОМОВИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ

На барање на жителите на градот Скопје, ЈПКХС во јуни 2020 година воведе нови можности кај услугата за собирање и транспорт на кабастиот отпад. Граѓаните коишто имаат потреба да се ослободат од својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди, можат на бесплатниот телефонски број 0800 222 33 да нарачаат екипите на ЈПКХС со специјални возила да го преземат и да го транспортираат кабастиот отпад од нивните домови и притоа да се договорат дали сакаат отпадот да биде преземен директно од внатрешноста на домот, без разлика дали станува збор во индивидуални или колективни домаќинства. Воедно, ЈПКХС продолжи да им ја нуди можноста на граѓаните што имаат обезбедено сопствен превоз, бесплатно да го одложат својот кабаст отпад во центрите за селекција во Карпош и во Вардариште, секој ден во неделата, во терминот од 07 до 19 часот.

 ПОСТАВЕНИ СЕ 200 НОВИ САДОВИ ЗА ОДЛАГАЊЕ НА КОМУНАЛНИОТ ОТПАД

Во текот на 2020 година, на 100 локации во речиси сите скопски општини ЈПКХС постави околу 200 нови садови за одлагање на комуналниот отпад со зафатнина од 3,2м3, а поставени беа и 500 нови корпи наменети за одлагање ситни отпадоци. Во овој период, од страна на непознати сторители, беа опожарени вкупно 70 контејнери наменети за одлагање комунален отпад, од коишто 10 нови садови со зафатнина од 3,2м3. Сите опожарени контејнери во најкус можен рок беа заменети со нови садови, со цел да се задржи ефикасноста и  стандардната динамика на собирање и транспорт на комуналниот отпад на територијата на градот Скопје.

 АКТИВНОСТИ НА ЕКО-ПАТРОЛАТА

Во 2020 година, Еко-патролата на ЈПКХС изготви 1194 информативно-едукативни записници што им беа врачени на граѓаните и на правните субјекти коишто беа затекнати при неправилно одложување отпад, односно прекршување на Законот за јавна чистота. По врачувањето на записниците, сторителите отстранија приближно 802м3 неправилно одложен отпад од јавните површини.

 ОТВОРЕНО Е НОВО ОДДЕЛЕНИЕ ЗА ГРИЖА ЗА КОРИСНИЦИТЕ

 Во јуни 2020 година, во ЈПКХС започна да функционира новo Одделение за грижа на корисниците, во чијшто состав се наоѓа и архивата на Претпријатието. Преку отворањето на ова Одделение, ЈПКХС им излезе во пресрет на потребите на своите корисници, со цел полесен, побрз и побезбеден пристап до услугите што се во доменот на административното работење на Претпријатието. Воедно, започнавме со електронска достава на фактурите, додека најзначајната новина што ја воведовме е можноста за онлајн-плаќање што на граѓаните значително им го олеснува процесот на плаќање на сметките за собирање и транспорт на комунален отпад. Одделението за грижа за корисници на ЈПКХС функционира од понеделник до петок, во терминот од 07 до 19 часот, а корисниците имаат можност сите информации да ги добијат и по електронски пат, на е-адресата: grizazakorisnici@khigiena.com.mk. Сите потребни обрасци што се однесуваат на барањата на корисниците се објавени и на веб-страницата: www.khigiena.com.mk.

 ПОДОБРУВАЊЕ НА УСЛОВИТЕ ЗА РАБОТА НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ПРЕТПРИЈАТИЕТО

Перманентно се подобруваат условите во работните простории на Претпријатието, при што во текот на 2020 година целосно беше реновиран пунктот на Секторот за одржување на јавната хигиена во општината Ѓорче Петров, додека во претстојниот период се планира реновирање и на пунктовите лоцирани во сите останати скопски општини.

 ЈПКХС Е ПРОГЛАСЕНО ЗА ПРЕТПРИЈАТИЕ СО НАЈГОЛЕМ РАСТ НА ТРАНСПАРЕНТНОСТА ВО 2020 ГОДИНА

Според истражувањето на реномираниот Центар за граѓански истражувања во чиишто рамки беа опфатени сите институции и претпријатија во Р.Северна Македонија, ЈП Комунална хигиена-Скопје е прогласено за претпријатие со најголем раст на транспарентноста за 2020 година. Отчетноста и транспарентноста за нашите активности и во иднина ќе бидат основни постулати во дејствувањето на ЈПКХС.

СОРАБОТКА СО НЕВЛАДИНИОТ СЕКТОР

ЈПКХС потпиша Меморандум за соработка со Центарот за еколошка демократија „Флорoзон“, за заедничко спроведување на проектот  „Биди одговорен за себе и за нашата животна средина и во услови на пандемија“, во чиишто рамки на триесетина локации пред поголемите маркети во градот Скопје се поставени специјални садови за одлагање отпад од заштитна опрема – маски и ракавици, коишто се празнат во контејнерите на ЈПКХС наменети за комунален отпад. На овој начин, отпадот од заштитната опрема се собира и транспортира од страна на екипите на Претпријатието.

 ПРЕТСТОЈНИ ПЛАНОВИ И АКТИВНОСТИ

Во 2021 година, наш врвен приоритет ќе остане заштитата на јавното здравје, а своето секојдневно дејствување ќе го насочиме кон намалување на ризикот од проширување на вирусот Ковид-19, преку одржување на јавната хигиена во градот Скопје на највисокото можно ниво.

Во таа насока, планирана е набавка на 47 нови специјални комунални возила – метларки, автоцистерни и возила наменети за собирање и транспорт  на комуналниот отпад. Очекуваме обновувањето на возниот парк и механоопременоста на Претпријатието во голема мера да придонесе за поефикасно и поквалитетно извршување на нашите активности. Екипите на ЈПКХС, во координација со Градот Скопје и сите градски јавни претпријатија и во претстојната година ќе продолжат да спроведуваат координирани активности и акции, со цел сите заеднички да создадеме почисто и поубаво Скопје!

 

[ петок, 15 јануари 2021 ] [ 1509 ]

 

Вести

Back to top
Close Offcanvas Sidebar